Ma каква криза во Металург: Хорват добил плата поголема од таа во Загреб – и пола пари однапред

Металург се отвори... Сега нека му ја мислат и Вардар и Еурофарм Пелистер. Повеќе нема двојка, сега има тројка што ќе се бори за трофеите во Македонија.

По неколку години во Металург повторно ќе игра познато ракометно име со големо искуство и доста репрезентативни медали зад себе. Златко Хорват се реши кариерата да ја продолжи во Скопје, а една од причините секако е конкретната и одлична финансиска понуда што ја добил од скопската управа. Тој ќе мине најмалку една сезона во Автокоманда.

Поранешниот тренер на „сините“, Лино Червар во изјава за хрватските медиуми изјави дека е зачуден од одлуката на Хорват. Но, според него единствено логично е дека Металург нашол нов спонзор и има пари. Само заради тоа Хорват и заминува од Хрватска.

Во интервју за 24ракомет, Хорват вели дека сакал да игра во друг клуб, друга средина да види дали и како би се снашол надвор од Хрватска. А понудата на Металург дошла во вистинско време и била конкретна и добра. Тој по 18 години заминува од Загреб и ова ќе му биде прво интернационално искуство.

За тоа време во Загреб освои 15 титули и куп трофеи во Хрватска, 1 титула во СЕХА лигата, 3 пати беше третопласиран во СЕХА лигата и 1 беше финалист на КПК.

Буџетот на клубот, колку е платата на ракометарите, на колку рати се плаќаат, колку се долгувања на клубот секогаш е „забранета тема“. Но, во Хрватска веќе се шпекулира за „бројчаната причина“ поради која Хорват пристигнал во Скопје. Според хрватските новинари тој добил подобра и повисока плата отколку што имал во Загреб.

Бидејќи тешко е да се претпостави колку е сегашната платата на Хорват, прашањето е колку тој имал досега во Загреб. Колегите од Хрватска тврдат дека таму имал околу 6.000 евра месечна плата, што би значело околу 60.000 евра годишно. Во време на коронавирус секаде во Европа има намалување на платите, па затоа некои ракометари решаваат наместо во силна лига да играат онаму каде имаат подобри услови.

Неофицијално за да се согласи за доаѓање во Скопје, на Хорват му било ветено дека половина од парите ќе ги добие однапред. Така би се осигурал за трансферот. Другиот дел би бил во месечни плати.

Претходно за Металург потпишаа и Момир Рниќ, Бранко Канкараш и Никола Потиќ, а уште е непозната судбината со Бразилецот Енрике Тешеира.

Македонија претходните години беше делумно посакувана дестинација. Кога Вардар почна да го прави женскиот тим, а потоа и машкиот дојдоа многу познати светски имиња. И сите добиваа огромни плати, кои сигурно во некоја друга земја немало да ги добијат. Но, тоа е цената кога се прави имиџот на клубот, кога се создаваат предуслови за добри резултати. Потоа стигна и времето на долгувања, на одолговлекувања…. и се уште тоа трае.

Металург се отвори… Сега нека му ја мислат и Вардар и Еурофарм Пелистер. Повеќе нема двојка, сега и тројка што ќе се бори за трофеите во Македонија.