Лесјак: Некој ќе изненадиме, можеби тоа ќе биде Келце!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ќе го одиграат шестиот натпревар од Лигата на шампионите.

Нов ривал на македонскиот шампион ќе биде европскиот вицепрвак Келце, кој во Битола ќе допатува без Симон Сичко и Алекс Душебаев.

Голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, ги истакна своите очекувања за утрешниот дуел.

,,Се работи за една одлична екипа, екипа која има одлични ракометари и екипа која неколку сезони работи заедно во еден ист систем и секоја година има една иста цел, а тоа е пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Една многу важна работа, која јас секогаш ја кажувам пред секој натпревар, а тоа е дека од 14 натпревари, ние сигурно ќе изненадиме на еден од нив, можеби тоа ќе биде мечот со Келце, секако, не ги потценуваме, тие се многу добри и секој кој и да дојде овде е одличен ривал. Видовме дека со Загреб не може да се издржи брзиот ритам во сите 60 минути, одигравме добри 45 минути, но сите наши ривали имаат 16 одлични ракометари, кога некој треба да се замени, не доаѓа некој кој е помалку искусен, туку доаѓа некој кој е уште подобар играч и на нас останува да го оставиме срцето на терен и да играме мотивирано”, изјави Лесјак.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Келце ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.