Селекторот Кирил Лазаров потврди дека Дмитро Горига има желба да го облече дресот на македонската репрезентација. Според него, поранешниот ракометар на Вардар може да донесе квалитет, шут од надвор и поголема ширина во ротацијата.
Македонската ракометна репрезентација во иднина би можела да добие значајно засилување во Дмитро Горига. Селекторот Кирил Лазаров откри дека разговарал со играчот и со капитенот на националниот тим, а реакциите околу неговото приклучување биле позитивни.
Горига добро ги познава македонскиот ракомет и средината, бидејќи настапуваше за Вардар и беше меѓу играчите што имаа важна улога во освојувањето на шампионската титула. Потоа кариерата ја продолжи во посилно првенство, каде што настапува и во Лигата на шампионите.
„Мое мислење е дека имаше одлични настапи во Македонија во дресот на Вардар и беше еден од предводниците на екипата до шампионската титула. Потоа премина во уште посилна лига и во посилно првенство. Колку што го следам, има значајна улога во својот клуб и настапува во Лигата на шампионите. Исто така, се наоѓа во добра играчка возраст“, изјави Лазаров.
Селекторот откри дека желбата за настап во националниот тим постои и кај самиот Горига.
„Треба да вложиме максимален напор, а и самиот играч да покаже ангажираност и желба. Од она што досега го разговаравме, кај него постои желба да настапува за Македонија. Всушност, тој самиот инсистира да игра за репрезентацијата.“
Лазаров разговарал и со капитенот на македонската репрезентација, од кого добил позитивна реакција за можноста Горига да му се приклучи на составот.
„Разговаравме и со капитенот, од кого добив позитивна реакција. Свесен е дека со него би биле поквалитетни и дека Македонија треба да ги искористи сите ресурси со кои располага.“
Според Лазаров, Горига може да донесе неколку важни елементи во играта на Македонија. Покрај шутот од надвор, станува збор за ракометар кој може да придонесе и во одбраната.
„Доколку групата го прифати, може многу да придонесе. Станува збор за играч кој има добар шут од надвор, игра во двата правци и поседува победнички карактер и менталитет. Се надевам дека со него ќе бидеме поквалитетни.“ „Ќе бидеме барем за нијанса поквалитетни. Добиваме квалитетен играч во ротацијата“, додаде селекторот.
Горига веќе ја познава средината, но Лазаров смета дека ќе биде потребен одреден период за целосно приспособување кон репрезентацијата и системот на игра.
„Ја познава државата, го познава градот и менталитетот на луѓето. Сепак, ќе му биде потребно малку време за целосно да се приспособи. Репрезентативните недели на ЕХФ траат околу една седмица и нема многу време за работа.“
Лазаров потенцира дека приклучувањето на Горига не значи дека треба да се намали значењето на ракометарите кои досега го носеа репрезентативниот дрес.
„Треба да ги почитуваме нашите играчи и внимателно да го спроведеме целиот процес. Не сакам да давам големи изјави и да кажувам дека ќе бидеме Шпанија во фудбалот.“
Сепак, селекторот е свесен дека на големите натпреварувања е неопходна поширока ротација, особено како што турнирот се приближува кон завршните натпревари.
„На турнирските натпреварувања, како што минуваат колата – без разлика дали станува збор за прв, втор, трет или шести натпревар – потребна е поголема ротација. Недостига свежина, а играчите се заморуваат и во тој сегмент. Македонија дочека нова генерација во која младите играчи постепено треба да добиваат сè позначајна улога. Доколку и на Горига му се укаже можност, треба да ја искористи таа шанса и да ни помогне да бидеме конкурентен тим“, заврши Лазаров.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























