Левиот бек Дмитро Горига во иднина ќе го носи дресот на македонската ракометна репрезентација, најави претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов. Украинецот доби македонски пасош минатата година, а неговото заминување од Вардар во унгарски ПИК Сегед не го променило планот да игра за Македонија.
Ракометната федерација на Македонија добива силен адут во следниот период за настапите на сениорската репрезентација, на позиција каде секогаш е добредојдено да имате „шутер-бомбардер“. Горига и кога настапуваше за Вардар беше вистински лидер и шутер кој решаваше натпревари, а истото го прави и сега во Унгарија.
Според најавата на Стефанов, Горига треба да биде да се појави на собирот на репрезентацијата веќе во следната ЕХФ недела. Ќе му се стави на располагање на селекторот Кирил Лазаров на подготовките. Македонија тогаш ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2028 година – на 4 ноември го пречекува Луксембург, а на 8 ноември ѝ гостува на Грција.
Доколку го оствари најавеното деби, Горига ќе стане опција и за Светското првенство во јануари 2027 година. Македонија на Мундијалот во Германија ќе игра во група со Исланд, Бахреин и Јапонија. Со него, Македонија е многу посилна и посериозна репрезентација која би требало да нема проблеми за минување на групната фаза.
Горига претходно настапуваше за Украина, па за негов прв официјален настап со Македонија беше потребна и потврда за промена на спортската националност од ИХФ. Тој повеќе од три години веќе нема настапувано за Украина, а ИХФ дозволи да може да ја смени бојата на националниот дрес.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























