Лазаров: Верувам во невозможното, иако во моментов не е реално!

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир за Европското првенство 2024.

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров, ги сподели своите очекувања за подготвителниот период, во кој на дело ќе ги провери квалитетите на секој повикан играч.

Македонскиот стратег истакна дека оваа генерација на Македонија во иднина треба да донесе позитивни резултати на големите натпреварувања.

,,Мислам дека после смената на нашата генерација најважно беше да не се загуби континуитетот  кој го имавме од Европското првенство 2012 и на спортот број еден во нашата земја. Еве веќе втора-трета година сме дел од големите натпреварувања. Европското првенство го смени форматот и во иднина нема да има лесни ривали. Сега само две селекции ја минуваат групата и ќе играат во главната фаза. Ние немавме среќа во ждрепката. Ги добивме Франција, која заедно со Данска е еден од фаворитите на ЕП. За Швајцарија можам да кажам дека е ниво послаба репрезентација, но треба да знаеме дека девет нивни репрезентативци играат во Бундес лигата, сите тие играчи имаат главни улоги во своите екипи. Ние сме една млада, добра и талентирана репрезентација и јас како селектор сум задоволен што имам можност да тренирам една перспективна репрезентација, која треба во иднина да прави големи работи”, изјави Лазаров.

Главната задача на Македонија на Европското првенство во Германија ќе биде да се има добар настап и да се прикаже квалитетен ракомет.

,,Ќе се подготвиме максимално, немаме многу време, ќе ги искористиме максимално сите денови, ќе направиме едни кратки и кквалитетни подготовки, го направив планот и се надевам дека на ЕП ќе се претставиме во најдобро светло. Повикав 19 играчи, 17 играчи веќе се приклучија, денес стартуваме со тренинзи, утре патуваме во Србија во Стара Пазова каде што ќе имаме одлични услови за работа, на 23 декември ќе ни се приклучи Филип Талески, кој има клупски обврски со Бенфика и Никола Митревски ќе ни се приклучи на 25 декември”, вели Лазаров.

Македонската легенда истакнува дека главниот фокус на континенталниот собир ќе биде на првиот дуел против Франција.

,,Мора да размислуваме позитивно, ќе пробаме системот кој го градиме да го надградиме уште повеќе. Задоволен сум од двата квалитетни натпревари против Грција, која исто така е учесник на Европското првенство, и натпреварите со Турција, Луксембург и Португалија во квалификациите. Не очекува тешка задача, но нема да се предадеме, ќе пробаме да создадеме добра хемија и момците со гордост ќе го носат македонскиот дрес. Цела нација едвај чека да дојде јануари да ја бодри својата репрезентација. Јас сум амбициозен човек, верувам во невозможно, но во моментов не е реално да се очекува и да се збори, но посвесно треба да се верува. Во дуелот против Данска во Скопје јас, Стоилов и Миркуловски бевме додадена вредност на овие момци и успеавме да ја изненадиме. Треба да направиме едни добри подготовки, нема да се предадеме, после завршувањето на нашето првенство, ги гледав материјалите што ги имаме, пред се од Франција, настапував во Франција, ги познавам нивните играчи, нивниот систем, нивниот начин на тренираме, голем број на репрезентативците на Франција играат во нивната лига…ќе се подготвиме да го дадеме максимумот, но во моментов според квалитетот, репрезентацијата на Франција е најквалитетната на светот, па дури подобра од Данска. Јас сакам да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, секогаш кажувам дека верувам во невозможно и во нереални работи, немавме можност да ставиме фокус на Германија и Швајцарија, фокусот ќе биде на Франција, бидејќи првиот натпревар го играме на 10 јануари, после имаме неколку дена одмор, па на дуелот со Германија  ќе сакаме да се прикажеме квалитетно против домаќинот и последниот дуел го имаме со Швајцарија. Нема да одиме со бело знаме, ќе пробаме да го дадеме најдоброто од нас, да одиграме квалитетно и борбено, да се бориме за секоја топка, да направиме добра одбрана, добар контра напад, да имаме сигурен напад, па така ќе пробаме да го искористиме максимално подготвителниот период и да бидеме подготвени за предизвикот кој не очекува”, заврши Лазаров.

Лазаров за првата фаза од подготовките ќе може да смета на на 19 ракометари, како и на осум резервни играчи, кои во секој момент треба да бидат подготвени за евентуална замена.

На 29 декември во Стара Пазова ќе се одигра првиот пријателски натпревар против Црна Гора, додека на 4 и 5 јануари во Скопје на програмата се две средби против селекцијата на Грција.

Македонија на Европското првенство 2024 за ривали во рамки од групната фаза ги има репрезентациите на Франција, Германија и Швајцарија.

 

Ракометарите само еден ден во Скопје – од утре Србија е базата на Македонија пред ЕП!