Лазаров: Можеби сме аутсајдери, но со помош на навивачите можеме до изненадување

Машката репрезентација на Македонија ја одработува втората фаза од подготовките пред настапот на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров посакува многу македонски навивачи да дојдат во Вараждин и да дадат поддршка за националниот тим.

Македонија е во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја.

„Имаме многу позитивни искуства од 2009 и 2018 година. Очекуваме дека пак ќе дојдат многу наши навивачи во голем број, а ќе се обидеме да ги освоиме симпатиите и на Хрватите во Вараждин и да бидат наш осми играч. Иако сме еден вид аутсајдери со помош на публиката да пробаме да ги изненадиме Унгарците и Холанѓаните“, изјави Лазаров за „РТЛ“.

Македонија на 8 јануари ќе тестира против Хрватска, на 10 јануари е дуелот со клубот Сесвете, додека на 12 јануари е последната пресметка со Зеленортски Острови.