Екипата на Алборг предводена од Томас Арнолдсен и одличниот Никлас Ландин успеа да ја совлада Барселона со 34:33 во натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите. За Алборг победата над Барселона е историска, бидејќи во досегашното соочување меѓу двете екипи, секогаш бил подобар шпанскиот тим.
Домашниот тим одигра одлично во двете полувремина, на пауза имаше предност од 23:18, додека во вториот дел каталонскиот гигант никако не можеше да направи кам-бек. Во првото полувреме двете екипи не ни играа одбрана, па така за 30 минути игра беа постигнати вкупно 41 погодок.
Барселона во вториот дел значително се подобри, во периодот од 35 минута, па до финишот заостануваше на еден до три гола, но голманот Никлас Ландин не дозволи да има поделба на бодовите. Гостите имаа пенал за израмнување, но искусниот голман во последната секунда го одбрани ударот на Ричардсон
Младата надеж на Данска, Томас Арнолдсен, повторно имаше шутерско издание и со девет погодоци го предводеше својот тим до 7-ма сезонска победа. Во редовите на Барселона неколку ракометари беа расположени за игра, а најмногу се истакна францускиот репрезентативец Дика Мем со девет погодоци од 14 обиди.
Голманот на Алборг, Никлас Ландин, блескаше меѓу стативите и натпреварот го заврши со 15 интервенции, а последната беше вредна за победа. На спротивната страна Емил Нилсен имаше девет одбранети удари.
Норвешкиот шампион Колстад запиша важна победа на свој терен, откако триумфираше над Нант со 29:28 (18:11). Овие ,,плус седум” на полувреме за Колстад беа очигледно пресудни, бидејќи во второто полувреме Нант постојано беше на негатива од еден гол.
Сега Колстад во рамки од групата Б има осум бодови, додека францускиот клуб останува на 13.
Важна победа запиша и Загреб на гостувањето во Унгарија кај ПИК Сегед, славеше со 27:26 (15:13).
Одличен натпревар во Загреб одигра Звонимир Срна со осум погодоци, пет додаде Лука Ловре Кларица, а четири имаше Филип Главаш. Кај ПИК Сегед најефикасен беше Марио Шоштариќ со осум погодоци.