Селекцијата на Холандија славеше во драматичен натпревар против Катар со 38-37 и остана во игра за четвртфиналето на СП. Херојот на „лалињата“ беше Верстејнен кој го даде победничкиот гол во последната секунда, па судиите мораа да прегледуваат снимка.
Катар имаше во најголем дел од првото полувреме контрола на теренот, водеше на неколкупати и со по три гола разлика, а на паузата беше 17-15. Вториот дел почна на сличен начин, но како одминуваше време така Марковиќ и Капоте ја губеа силата, па Холандија се врати во егал.
Стеинс лесно ја надмудруваше катарската одбрана, имаа „лалињата“ и шанса за плус два, но промашија па казната стигна и Катар одново водеше со 32-31 на десетина минути до крајот. Почна играта гол за гол, се вжешти на теренот, па имаше исклучувања на двете страни.
Кеен на две минути до крајот донесе плус два за Холандија, 37-35, но потоа Марковиќ реализираше седмерец, Катарците уште еднаш погодија и беше нерешено на двесетина секунди до крајот кога Олсон побара тајм-аут. Немаше многу идеја нападот, но во последната секунда биеше Верстијнен и погоди во катарската мрежа.
Осум гола за Катар постигна Марковиќ, додека за Холандија, Бајенс имаше девет, а Тен Велде стрелаше седум пати.
Репрезентацијата на Швајцарија многу полесно од очекувањата славеше на премиерниот натпревар од главната рунда против Тунис со 37-26. Избраниците на Енди Шмид уште по првиот дел го решија прашањето околу победникот, кога направија плус девет, 20-11.
Второто полувреме беше само рутинско одрабтување на задачата и Швајцарија сега влегува во трка за четвртфинале, иако Данска и Германија се далеку напред. Најдобри стрелци во Швајцарија беа Рубин и Марос со по седум погодци, додека кај Тунис се истакнаа Жбели со 11, а пелистерецот Хосни имаше два гола.
Италија продолжува да бележи одлични резултати и успеа да стигне до нова мундијалска победа. Овојпат жртва на „азурите“ беше Чешка, која беше совладана со 25-18.