Капитенот на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, го најави стартот на официјалниот дел од сезоната.
Пелистерци играа на три турнири, во Струга, Болу и Добој, а освоија и еден трофеј. Кузмановски се радува што подготвителниот период мина без особени проблеми, со исклучок на малата повреда на Тајник.
Тој смета дека младите добро се прикажале на натпреварите и дека ќе имаат поголема улога во тимот.
„Среќен сум што по тешките подготовки кои траеја повеќе од месец дена, сите сме здрави со исклучок на Тајник, кој имаше мала повреда по турнирот во Струга. На последните пријателски натпревари се почувствува неговото отсуство, но младите добија шанса и ќе имаат поголема улога и ќе придонесат за оваа екипа, бидејќи ни се потребни. Пробавме повеќе нови работи, да ги адаптираме новите ракометари како Абутовиќ, кој ни значи многу како столб во одбраната. Задоволен сум од учинокот на новите голмани и сметам дека ќе ни помогнат многу во текот на сезоната, а и ние во одбраната ќе помогнеме тие да бидат светла точка“, изјави Кузмановски.
Првиот официјален натпревар за Еурофарм Пелистер ќе биде Супер Куп натпреварот против „сино-белите“ од Автокоманда, утре од 19:00 часот во салата „26 април“ во Гевгелија.