Кузманоски: Се надевам на добра и борбена игра против Кил

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре на свој терен силите ќе ги одмерат со бундеслигашот Кил во рамки од третото коло од Лигата на шампионите.

Кил во Битола доаѓа по трета победа, додека избраниците на Александар Јовиќ ќе атакуваат на првите бодови во европската елита.

Членот на Еурофарм Пелистер, Цветан Кузманоски, се надева дека неговиот тим ќе го даде максимумот и ќе го покаже најдоброто од себе.

,,Сите знаеме каква екипа е Кил. Гледавме видео материјали, се обидовме да ги анализираме, а имаме и уште два тренинзи за да се подготвиме. Се надеваме на добра и борбена игра, без голем респект кон нив, иако имаат ракометари од светски рамки. Верувам дека ќе дадеме максимум и тоа ќе ни донесе добар резултат. Добро отворивме против Алборг, но веројатно од неискуство дозволивме лесни голови и огромно заостанување. Имавме избрзани шутеви, пад на концентрација и сигурно неискуство, па Алборг дојде до убедлива победа. Кил е исто така нова екипа, сепак е септември и поразите во Бундеслигата се вообичани”, изјави Кузманоски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Кил ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 18:45 часот.