Кузманоски: Резултатот е висок, но задоволен сум од желбата и борбеноста

Македонската кадетска репрезентација го запиша вториот пораз на Европското првенство во Србија, откако во второто коло загуби од силната Франција со 36-25. Селекторот Горан Кузманоски, и покрај високиот пораз, беше позадоволен од пристапот и борбеноста на своите избраници.

Македонија не успеа да направи изненадување против Франција во второто коло на Европското првенство за кадети во Србија.

Французите ја оправдаа фаворитската улога и славеа со 36-25, но селекторот Горан Кузманоски истакна дека неговите ракометари покажале желба и борбеност во текот на целиот натпревар.

За разлика од средбата со Словенија, по која не беше задоволен, Кузманоски овојпат виде позитивни работи во играта на македонските кадети, особено во одбраната.

„Со оглед на тоа што Франција е навистина силна репрезентација, пред сè физички, ние уште на почетокот ја покажавме борбеноста. Се виде дека има желба. Без разлика што разликата на крајот беше голема, имавме желба во одбраната и агресивност во сите 60 минути. За секоја топка се боревме во одбрана“, истакна Кузманоски.

Македонија имаше проблеми во нападот, каде голем број неискористени шанси и технички грешки му овозможија на противникот да направи висока разлика.

„Во нападот имавме многу промашувања. Францускиот голман имаше многу одбрани, а направивме и неколку технички грешки кои тие брзо ги казнија. Со Словенија имавме 67 проценти реализација на шутот, а сега бевме доста послаби. Промашивме чисти ситуации од шест и од девет метри и тука се направи разликата“, вели македонскиот селектор.

Кузманоски потенцираше дека Франција со својата физичка моќ била незгоден противник за неговиот тим.

„Знаевме дека Франција е многу силна и физички доминантна репрезентација и дека таквиот стил нема да ни одговара. Вчера, по натпреварот со Словенија, не бев задоволен, но денес сум многу позадоволен поради желбата што ја покажаа играчите“, додаде Кузманоски.

Македонските кадети сега ги очекува уште еден тежок предизвик – дуелот со Шведска. И покрај квалитетот на следниот ривал, Кузманоски најавува дека Македонија ќе ја бара својата шанса.

„Сега ни следува натпревар во кој мораме да бидеме реални. Шведска е многу силна репрезентација, но сепак ќе ја бараме нашата шанса. Имаме ден за одмор, тренинг и анализа и треба што подобро да се подготвиме. Знаеме во каква тешка група се наоѓаме, но можеби на крајот ќе биде добро што играме вакви тешки натпревари пред следниот дел од првенството“, заврши Кузманоски.

Една од целите на оваа генерација е да се избори за пласман меѓу 9. и 12. место, со што Македонија би ги продолжила настапите на големите натпреварувања и би го задржала континуитетот на оваа репрезентација.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________