КУП Ф4 2025 – Латифи: Ќе одлучуваат нијанси и спортската среќа

Ланскиот финалист на Купот на Македонија, екипата на Чаир и оваа сезона влегува со големи амбиции на завршниот турнир.

Во потрага по првиот трофеј во ова натпреварување, избраничките на Басри Латифи, најпрво ќе мора да ја мината првата пречка Металург Автокоманда.

„Очекувањата се како и секоја година, да го направиме вистинскиот чекор, иако секогаш сме блиску, а така далеку. Екипите се со израмнет квалитет, со исклучок на Ѓорче Петров, кој има најсилен состав и не случајно се шампиони“, вели Латифи.

Чаир и Металург Автокоманда одиграа четири натпревари оваа сезона – трипати победи тимот на Дамчевска, а еднаш Чаир, но сите беа интересни.

„Со нашиот ривал се познаваме многу добро, сите натпревари беа вистински дерби дуели и ќе одлучуваат нијанси и спортската среќа. Мотивација е на високо ниво, а како што знаат сите во Купот нема фаворити, се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат на трофејот“, вели Латифи.

Екипата на Чаир имаше големи проблеми со повредени ракометарки во текот на целата сезона.

„Оваа сезона изобилуваше со многу повредени, но останува да се надеваме дека сите ќе бидат здрави и ќе можат дојстојно да играат во Купот. Можеби нашата најдобра ракометарка оваа сезона, Теодора Гулицоска, не е во состојба да ни помогне, потоа голманката Магдалена Којовиќ, која има скинати лигаменти и ја чека долга пауза, пивотот Хана Мифтари е со потрес на мозокот уште од последниот натпревар со Металург Автокоманда, но ние нема да бараме алиби и ќе истрчаме на терен со сите расположиви сили да го дадеме нашиот максимум. Чаир е сериозен клуб, со сериозни амбиции триумфално да ја заврши сезоната, а на Ф4 нема губитници“, заврши Латифи.

Чаир и Металург Автокоманда ќе се соочат во второто полуфинале од 19:30 часот во салата „25 Мај“ во Радовиш, додека во првиот пар ќе играат Ѓорче Петров и Вардар ос 17:00 часот.