Куманово со победнички старт во новата сезона

Поранешниот шампион на Македонија, Куманово, имаше победнички старт во новата сезона од Женската лига, откако на свој терен го совлада Пелистер со 29:26 во рамки од 2. коло.

Кумановки, кои освен Пелистер, за ривали ги имаат уште Металург Автокоманда, Овче Поле СУ и Гевгелија во групата Б, беа слободни во првото коло.

Избраничките на Славиша Димитријески домашната задача си ја завршија уште во првото полувреме, кое го добија со седум гола разлика, 15:8.

Битолчанки се обидуваа да ја намалат разликата, на моменти имаа минус три во вториот дел, но домаќинките преку искусните Трајковиќ, Цветановска и Зечевиќ не дозволуваа ни најмала неизвесност.

Во 50 минута црвен картон, поради три исклучувања, заработи Зечевиќ, тоа беше искористено од страна на гостинките, кои намалија на 25:22, а во последните осум минути Куманово постигна неколку голови и дојде до посакуваната цел.

Најефикасна во победничката екипа беше Мила Трајковиќ со седум погодоци,  шест постигна Сузана Зечевиќ, по пет запишаа Нена Нестороска и Сара Цветановска.

Кај Пелистер најефикасни беа Наталија Дишковска и Моника Босилковска, двете ракометарки имаа по шест погодоци.