Ракометарите на Охрид вечерва во последното коло од суперлигашкиот плеј-оф, пред домашната публика го пречекуваат тимот на Тиквеш од Кавадарци.
Дефанзивецот на охриѓани, Милорад Кукоски, вели дека дуелите со Тиквеш се секогаш неизвесни и нијанси го одлучуваат победникот, но сепак очекува да слават и со победа да се оддолжат на верната публика.
“Со дуелот против Тиквеш ја заокружуваме оваа сезона, во која ја остваривме нашата цел, излез во Европа, оттука овој натпревар и нема некое резултатско значење. Сепак сите сме максимално фокусирани и спремни сме да забележиме победа и заедно со навивачката група “Рибари” и останатата публика, кои цело време беа наш ветер во грб, да го прославиме големиот успех. Ги повикувам и на овој дуел да бидат нашиот осми играч на теренот, па со нивната поддршка и со наша добра игра во одбрана и напад да ги освоиме трите бода”, изјави Кукоски.
Натпреварот меѓу Охрид и Тиквеш се игра вечерва во спортската сала “Билјанини Извори” со почеток од 19 часот.