Ракометарите на Струга во рамки од 5. коло во Супер лигата за ривал го имаат вицепрвакот Алкалоид.
Стружани во досегашниот тек од сезоната остварија две победи, триумфираа на дуелите против Куманово и Скопје.
Членот на Струга, левото крило Ненад Костоски, го најави утрешниот дуел со Алкалоид.
,,Ние знаеме кој е Алкалоид, знаеме дека е голем фаворит против нас, но доколку ни се пружи шанса и прилика, секако дека ќе ја искористиме. Добро го познаваме противникот, има само неколку промени во однос на минатата сезона, во која имавме два меѓусебни дуели во регуларниот дел. Од играта на мојот тим во претходните натпревари сум задоволен, но секогаш има простор за подобрување. Секако дека ќе бидеме мотивирани против вицепрвакот, тимот на Лазаров е еден од кандидатите за титулата и тоа за нас ќе биде голема мотивација. Ќе се потрудиме да го дадеме максимумот и доколку ни се пружи шанса зошто да не изненадиме”, изјави Костоски.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Струга ќе се одигра утре со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Автокоманда“.