Денеска на програмата на Европското првенство се шест натпревари од третото коло од групите Д, Е и Ф, по што официјално ќе бидат потврдени шест патници во главна рунда, а шест репрезентации ќе си заминат дома.
Во групата Д, има уште една дилема, дали Норвешка или Фарски Острови, ќе и се придружат на Словенија во главната рунда, додека Полска е елиминирана и се враќа дома по мечот со Фараните.
Норвешка ќе биде во главната рунда ако ја победи или ремизира со Словенија, па нема да и биде важен резултатот од дуелот меѓу Фарски Острови и Полска. За Фараните има повеќе комбинации.
Тие ќе се квалификуваат во главната рунда со победа над Полска, но ќе мора да чекаат пораз на Норвешка од Словенија и да имаат на крај подобра гол разлика од Норвежаните.
Во групата Е нема дилеми – Шведска и Холандија се веќе во главната рунда и ќе се борат за првото место во групата, односно да пренесат два бода во следната фаза, а елиминирани се Босна и Херцеговина, односно Грузија.
Ниту во групата Ф нема нерешени работи. Данска и Португалија одат во главната рунда, а денеска ќе играат за прво место, додека Чешка и Грција по меѓусебниот дуел ќе се пакуваат за дома.