Коларовска: Победата од три гола ќе ни биде голем мотив за реваншот!

Ракометарките на Ѓорче Петров на првиот осминафинален дуел од Европскиот куп против чешкиот Хазена Кинжварт триумфираа со 32:29.

На избраничките на Симе Симовски на реваншот ќе им биде доволно и реми за да се пласираат во четвртфиналето во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Иако тимот од Чешка во поголемиот дел од натпреварот беше во позитива, сепак, домаќинките со одличната игра во последните петнаесетина минути дојдоа до важна победа.

Македонскиот шампион во нападот имаше неколку расположени ракометарки, една од нив беше Ана Марија Коларовска, која се надева на подобра игра на реванш дуелот, како и на пласман во четвртфиналето.

,,Иако не се покажавме во одлично светло, сепак, среќна сум што издвоивме победа со ваква екипа како што е Кинжварт. Се играше доста брза игра во која имаше доста грешки како од наша страна, така и од страна на ривалот, имавме слаба реализација, но успеавме во вториот дел да се вратиме и да победиме со три гола разлика. Победата од три гола ќе ни биде голем мотив за подобра игра на гостински терен. Имаме една недела да поработиме на нашите грешки, да ја подобриме играта и да целиме кон нова победа на реваншот и кон пласман во четвртфиналето. Како што знаеме, имавме можност да победиме со поголема разлика, но доста избрзавме во нападите во последните минути. Пресудни за победата беа мотивацијата и подобрата игра во одбрана во последниот дел од натпреварот. Честитки до сите девојки за победата и се надеваме дека ќе ја израдуваме публиката со нова победа на гостински терен”, изјави Коларовска.

Реванш средбата меѓу Ѓорче Петров и Хазена Кинжварт ќе се одигра на 20 јануари во чешкиот град Чеб.

Победникот од овој двомечот ќе се пласира меѓу најдобрите осум екипи во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Јанкуловска: Се радуваме на победата, но во Чешка нѐ чекаат уште 60 минути игра!

Ѓорче Петров на чекор до четвртфинале, славеше со плус три против Кинжварт