Кил имаше сезона за заборав, но промена нема – Јиха останува тренер

Тимот на Кил иако имаше сезона за заборав, особено во Бундес лигата, нема да има промени на тренерската позиција.

Филип Јиха останува предводник од клупата, а тоа го најави извршниот директор на „зебрите“, Виктор Силаѓи.

„Мора да извлечеме поука. Нема да носиме некои популистички одлуки што можеби се очекуваат во ваква ситуација. Реално, оваа сезона, не ни заслуживме повеќе. Ни недостигаше стабилност. Мора да додадеме гас и да се вратиме на врвот колку што е можно побрзо. Понекогаш дури и негативните искуства се корисни и може да ти помогнат да одиш напред“, вели Силаѓи.

На завршниот турнир во Лигата на шампионите по убедливиот пораз од Барса во полуфиналето, Кил успеа да го совлада Магдебург со 32-28 во борбата за бронза.

Кил во следната сезона по долго време нема да биде дел од Лигата на шампионите и ќе настапува во Лигата на Европа.