Келце го „врза“ Каралек до 2028 година

Довчерашниот шампион на Полска, тимот на Келце, и во следните четири сезони ќе смета на услугите на искусниот ракометар Артем Каралек.

Кружниот напаѓач, кој на Ф4 турнирот во Келн во сезона 2021/22 беше избран за МВП, со раководството на полскиот гигант се договори на нова соработка.

Каралек во тимот на Талант Душебаев ќе настапува најмалку до јуни, 2028 година. Белорусинот дресот на Келце го носи од сезона 2018/19, претходно беше дел од екипите на Сент Рафаел, СКА Минск и Кронон.

Тој со тимот на Келце трипати учествуваше на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн, во последните две сезони, 2021/22 и 2022/23, играше финале со своите колеги и на двапати беа спречени во обидот да го освојат златото.

28-годишниот ракометар минутажата во полскиот тим ја дели со репрезентативецот на Франција, Николас Турна.