Претстојниот викенд стартува можеби најинтересното разигрување за титула во последните неколку сезони.
Меѓу учесниците во плеј-офот е тимот на Пролет, кој одново ќе игра во разигрувањето за титулата. Новиот предводник на тимот, Александар Јовиќ, кој ги сумираше подготовките на тимот што беа одработени во Скопје.
„Подготовките ги одработивме во Скопје во одлична атмосфера. Во овој период одигравме четири пријателски натпревари, два со Вардар и два со Голден Арт. Од Вардар загубивме два пати, а од Голден Арт еднаш и еднаш го победивме. Нашиот тим е склоп на искусни и млади ракометари, но ни недостига ширина, па мораме на сите тренинзи да го даваме максимумот за да бидеме конкурентни на секој натпревар на било која екипа во плеј-офот“, вели Јовиќ.
Стратегот на Пролет вели дека примарната цел за оваа сезона е постигната.
„Нашата примарна цел беше пласманот во плеј-офот, но за таа цел голема заслуга имаат двајцата тренери што беа дел од Пролет во текот на оваа сезона, Алексо Лембанов и Илија Темелковски. Во плеј-офот очекувам да ја играме најборбената одбрана, да примаме малку голови. Мораме да бидеме брзи и спретни во транзиција од одбрана во напад и обратно. Посакувам да играме активен, трпелив и дисциплиниран напад до чиста шанса за гол. На секој тренинг работиме на тоа и ако целите ги спроведеме на терен, тогаш добрите резултати нема да изостанат“, продолжи Јовиќ.
Некогашниот репрезентативец направи интересна споредба со минатите сезони во македонскиот ракомет, кога во битката за титулата имаше само два клуба. Но сега не е така.
„Не очекува интересна и неизвесна битка за шампионската титула. Ако се вратиме во времето наназад тогаш ќе се сетиме дека во периодот од 1992 до 1995 кандидати беа Борец и Пелистер, од 1995 до 1998 за титулата се бореа Јафа Промет и Пелистер, а до 2005 година кандидат беа Вардар и Пелистер. Потоа на сцена дојде Металург, кој му беше конкурент на Вардар во битките за титула до 2018 година, а оттогаш до минатата сезона за титула се бореа Вардар и Еурофарм Пелистер. Во оваа сезона имаме три кандидати за титула – Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид. Охрид и Тиквеш имаат сериозен буџет, широк ростер и сигурно ќе сакаат да се замешаат со првата тројка и да се изборат за висок пласман. По овие два тима следуваат Бутел Скопје и Пролет кои имаат свој квалитет и тие ќе сакаат да им ги замрсат сметките на Охрид и Тиквеш. Струга, која е расадник на голем број квалитетни ракометари со пласманот во плеј-оф направи голема работа и по четири сезони го остави Еурофарм Пелистер 2 без учество во ТОП 8“, вели Јовиќ.
Тој смета дека клубовите и официјалните лица мора да покажат сите заедно дека ракометот е спорт број еден во Македонија.
„Имаме квалитетни клубови, имаме квалитетни судии, сите заедно имаме одговорност да докажеме дека ракометот е спорт број еден во Македонија. Не очекува неизвесен плеј-оф, очекувам многу изненадувања и неизвесност до крајот на првенството“, заврши тренерот на Пролет.
Пролет на домашен терен го стартува разигрувањето за титулата и во салата „Македонско Сонце“ в сабота од 16:00 часот ќе го пречека актуелниот вицепрвак од Автокоманда.