Јовиќ: Имаме нова екипа, потребно ни е време, но ќе ги исполниме целите за оваа сезона

Претставникот на Македонија во Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер, во среда ќе го пречека Кил во рамки од третото коло од Лигата на шампионите.

Битолчани во претходните две кола беа поразени од Алборг, односно Колстад, додека Кил оствари две победи, триумфираше против Загреб и ПИК Сегед.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, смета дека на неговиот тим му е потребно време за да го прикаже својот максимум.

,,Го пречекуваме шампионот на Германија и сите знаеме со каков противник треба да се судриме. Крајно време е нашата екипа да се покаже во поинакво светло и по натпреварот сите да бидеме задоволни од одиграното. Со сигурност ви тврдам дека Еурофарм Пелистер ќе ги исполни сите цели за оваа сезона. Имаме комплетно нова екипа и нитреба време. За брзо време ќе се претставиме во најдоброто светло. Добро ќе се спремиме за Кил и ќе извадиме максимум од екипата”, изјави Јовиќ.

Стратегот на битолчани вели дека германскиот шампион е целосно анализиран и неговите избраници знаат што треба да одиграат.

,,Направивме анализа на натпреварите на Кил, преферираат модерен ракомет и динамична игра. Ќе се обидеме да наметнеме темпо кое нам ни одговара. Треба да играме трпеливо во напад и со тоа ќе спречиме нивна брза игра. Еурофарм Пелистер само ќе расте, одигравме два натпревари од Суперлигата и тие добро ни дојдоа. Играчите почувствуваа и добра игра и победи и прашање на денови е кога ќе проработиме”, заврши Јовиќ.

Дуелот меѓи Еурофарм Пелистер и Кил ќе се одигра утре со почеток од 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.