Јехона со Салиу и Тасески најави суперлигашки атак!

Екипата на Јехона од Гостивар пред стартот на новата сезона ангажираше две засилувања, со кои ќе атакува на висок пласман во Првата лига.

Клубот од Гостивар, кој во изминатата сезона играше во плеј-оф фазата во прволигашкото друштво, но не успеа да обезбеди пласман во македонската елита, се засили со повратниците во екипата, Адис Салиу и Мојсе Тасески.

Адис Салиу во пролетниот дел од минатата сезона од Јехона се пресели во екипата на Кастриоти кај Аце Станковски. Левиот бек, сега повторно ќе го носи дресот на Јехона и со стекнатото интернационално искуство ќе биде од голема помош во младиот тим на Фари Селмани.

Мојсе Тасески минатата сезона настапуваше за екипата на Кичево. Станува збор за ракометар кој игра на позицијата пикер и во минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Првата лига, постигна вкупно 156 погодоци во регуларниот дел и плеј-аут фазата.

Јехона во новата сезона во Првата лига ќе игра во групата А заедно со Работнички, Македонија ЃП, Мултиесенс, Кичево, Бисинов, Текстилец, Овче Поле, Шампион и Младост Богданци.