Екипата на Чаир се избори за финале во Купот на Македонија, откако во полуфиналето успеа да го надигра ланскиот финалист, тимот на Вардар, со 32:28 и за Куп трофејот ќе се бори против Ѓорче Петров.
Иако во натпреварот сѐ влезе израмнето, избраничките на Басри Љатифи од петата до 20 минута лесно ја пробиваа одбраната на „црвено-црните“, голманката Којовиќ влезе во серија на одбрани, не дозволуваше лесни голови во својата мрежа, па така чаирчанки од 5:5 стигнаа до 10:5 во 18 минута.
Вардарки беа деконцентрирани, ја разбранија Којовиќ, немаа многу течност во своите акции и до 20 минута беа непрепознатливи на теренот. Чаир одлично функционираше во одбраната, успешно реализираше од контри и полуконтри, но во финишот дозовли Вардар да се врати во игра.
По предноста на Чаир од 12:7, составот на Платон конечно успеа да се стабилизира и со головите на Борјана Коцева, Василева и Велјаноска се доближи на 12:11 во 25 минута. Некогашниот шампион на Македонија израмни на 13:13, а по 30 минути игра резултатот беше 14:13 во корист за чаирчанки.
Тимот на Чаир на стартот на вториот дел успеа да воспостави резултатска контрола од два гола, додека Вардар беше во притисок повторно да дојде до камбек. Расположена за игра во таборот на Чаир беше Леонора Рахмани, која ја одржуваше својата екипа и во 45 минута предноста на составот на Љатифи беше 24:20. До крајот на натпреварот „црвено-црните“ никако не можеа да фатат приклучок, ниту да ја совладаат Митровиќ и веќе при предност на Чаир од 27:23 во 55 минута јасно беше кој ќе биде патникот во финалето.
Леонора Рахмани со осум погодоци беше предводник во победничката екипа, а ја следеше Амела Џакмиќ со шест реализации. Кај Вардар прв стрелец беше Симона Василева со седум погодоци.
Ривал на Чаир во финалето ќе биде тимот на Ѓорче Петров, кој во вчерашниот полуфинален дуел немаше големи проблеми против Куманово. Женското финале од Купот, исто како и машкото, ќе се одигра в недела (19 мај) со почеток од 16:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.