Денес продолжија квалификациските натпревари за Европското првенство 2026, а на денешната програма имаше два натпревари.
Репрезентацијата на Исланд повторно имаше моќна партија против нашиот јужен сосед, овојпат триумфираше со 33:21 и со четири победи се зацврсти првата позиција во својата група. Пред неколку дена, островската земја против Грција славеше со девет гола разлика, 34:25.
На денешниот натпревар, во редовите на Исланд, расположуван беше искусниот голман Бјорвинг Густавсон, кој натпреварот го заврши со 16 одбрани, а едена повеќе (17) имаше грчкиот голман Петрос Боуковинас.
Исланд во првите две кола од квалификациите триумфираше против БиХ и Грузија, и против овие две репрезентации ќе го заврши квалификацискиот циклус за континенталниот собир.
Германија не дозволи по вторпат да има кикс со Австрија и денеска победи со шест гола разлика, 31:26. Овие две репрезентации се сретнаа пред неколку дена во Виена, а тогаш натпреварот заврши без победник, 26:26.
Предводник на репрезентацијата на Германија беше големата надеж Марко Гргиќ со седум погодоци, а шест погодоци додаде Јулијан Кестер. Кај Австрија, листата на стрелците беше предводена од кружниот напаѓач Лукас Хербургер со пет погодоци.
Во рамки на пријателскиот ЕХФ Евро Куп, Франција повторно ја надигра Данска, славеше со 40:38, а 10-те гола на Матијас Гидсел не беа доволни за барем реми на скандинавската селекција. Шведска победи против Норвешка со 31:30, а пред неколку дена славеа Швеѓаните со 38:29.