Денес на Светското првенство 2023 стартуваше главната фаза, а утре свој дуел во рамки од првата група ќе имаат репрезентациите на Хрватска и Црна Гора.
Хрватска, која е предводена од екс селекторот на Македонија, Ивица Обрван, главната фаза ќе ја стартува со еден бод, додека Црна Гора пренесе четири бода, кои што беа освоени со победата над Унгарија, односно Камерун.
Една од поискусните во репрезентацијата на Хрватска, Дејана Милосављевиќ, го најави дуелот со црногорките.
,,Игравме со Црна Гора пред почетокот на Мундијалот, малку ги почувствувавме, видовме што можеме да очекуваме од нив. Ги погледнавме и на овие натпревари што ги одиграа, можам да кажам дека чека многу тежок натпревар со цврсти одбрани и се надевам дека ќе победиме. Секако, пријателските натпревари се секогаш поразлични од овие ‘вистински’ натпревари, црногорките ја имаат таа специфична доза на мотивација, претпоставувам дека се такви од раѓање. Тие се борбени, играат валкано, по малку и неспортски, но тоа е нивниот стил што не можеш да го промениш, возвраќаш со иста мера и одиш понатаму”, изјави Милосављевиќ.
Репрезентацијата на Обрван со евентуална победа ќе ги зголеми шансите за пласман во четвртфиналето на Мундијалот.