И во лошото има добро: Младинците се пласираа на Мундијалот 2025 во Полска!

Машката младинска репрезентација на Македонија одигра само реми со Австрија, 20-20, и групната фаза на ЕП во Словенија ќе ја заврши на второто место, што значи разигрување за пласман од 9 до 16 место.

Постојат и теоретски шанси за ТОП 8, но…Главната добивка по овој натпревар на Македонија и оној во кој домаќинот на следното СП, Полска ја совлада Украина со 36-22, е дека нашите младинци се пласираа на Мундијалот 2025.

Со оваа победа Полска обезбеди место во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место, а тоа значи дека сите останати селекции во ТОП 16 на ЕП ќе имаат мундијалски билет.

Европа има 15 места на СП за младинци идната година, Полска има директен пласман, па и 16 место на ЕП, кое е квалификациско за Мундијалот, води на СП.

Светското првенство за младинци ќе се игра од 18 до 30 јуни 2025 година во Полска, а пласманот таму за оваа генерација ќе биде четврто големо натпреварување по кадетскиот ЕХФ шампионат во Летонија во 2022, кадетското СП во Хрватска во 2023 и младинското ЕП во Словенија што тековно се игра.