Хосни пред камбек во Битола, повторно ќе го носи зелениот дрес

Репрезентативецот на Тунис, Усами Хосни, добро познат на македонската ракометна јавност, повторно ќе настапува во македонската елита.

Според “Handball Basse”, десниот бек се враќа во Битола и треба да биде новото засилување во таборот на актуелниот шампион Еурофам Пелистер.

Искусниот ракометар минатата сезона го носеше зелениот дрес и беше меѓу најзаслужните што битолскиот тим по пауза од 18 години ја освои шампионската титула.

Во Лигата на Европа исто така имаше забележителни партии и настапот во второто по ранг европско натпреварување го заврши со 20 погодоци.

Откако си замина од Еурофарм Пелистер, Хосни се пресели во Азија и моментално е член на Ал Араби од Кувајт.

Еурофарм Пелистер за следната сезона ги ангажираше двајцата искусни голмани – Никола Митревки од Порто и Филип Ивиќ од Шамбери.

Битолчани се на добар пат да ја одбранат титулата во националниот шампионат, додека во финалето од Купот на Македонија беа поразени од вицепрвакот.