Репрезентацијата на Португалија во натпревар од последното коло од групната фаза на Европското првенство 2024 одигра нерешено со Холандија, 33:33.
Сега Португалија за да остане на третото место, кое што носи борба за петто место на континенталниот собир, ќе треба Данска да си ја заврши својата задача во дуелот со Словенија.
Данска е веќе пласирана во полуфиналето на ЕП, па така може да си дозволи и луксуз во дуелот со избраниците на Урош Зорман.
Португалците на континенталниот собир во 2020 го направија најголемиот успех на големите натпреварувања, го освоија 6-то место и за неколку дена повторно ќе имаат можност да испишат историја доколку бидат петтопласирани.
Избраниците на Стефан Олсон беа поконкретни во првото полувреме, во кое репрезентацијата на Португалија во шест наврати доаѓаше до израмнување на резултатот (1:1, 2:2, 5:5, 6:6, 7:7, 10:10), но ниту еднаш не успеа да поведе. Иако во составот на Холандија го немаше еден главните играчи, средниот бек Дани Бајенс, сепак, тоа не претставуваше никаков проблем „лалињата” да имаат активен резултат.
Во првите 30 минути предноста на Холандија варираше од еден до два гола, па така Португалија не се откажуваше во намерата да дојде до камбек. Голема заслуга за Португлаија што заостануваше на 17:15 на полувреме имаше голманот Диего Рема, кој првиот дел го заврши со дури 12 интервенции, додека холандскиот голман Барт Равенсберген застана на шест.
Холандија на стартот на вториот дел успеа да зголеми на три гола разлика, 19:16. Португалците при негатива од 21:20 во 38 минута не реализираа за нерешено, но до посакуваната цел дојдоа во 42 минута кога ги искористија грешките на ривалот и со голот на Фраде израмнија на 24:24. Камбекот на Португалија значеше дека ќе гледаме возбудлив финиш, во кој само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од неизвесниот дуел.
По нерешените 26:26, дојде до пресврт, репрезентацијата на Португлаија го презеде водството, поведе со 27:26. Следуваше игра гол за гол, потоа португалската репрезентација успеа да се одлепи на 32:30 и овие два гола предност не беа никаква гаранција за победа на Португалија, бидејќи на десет секунди пред крајот Холандија израмни на 33:33. За Португалија преостанаа неколку секунди, во кои немаше доволно време за да организира добар напад.