Хекбарт: Трансферот во Еурофарм Пелистер е важен чекор за мене

Едно од новите засилувања за шампионот Еурофарм Пелистер за следната сезона е десното крило Рудолф Хекбарт.

Бразилскиот репрезентативец доаѓа од шпанската Асобал лига, каде ги брани боите на Сиудад Енкантада Куенка, а претходно играше по две сезони за Уеска и Ла Риоха.

Тој ги сподели очекувањата од трансферот во Битола, каде доаѓа на лето.

„Кога ја прифатив понудата од Еурофарм Пелистер бев многу среќен поради новиот предизвик и тоа што ќе ја напуштам Шпанија и комфорт зоната. Верувам дека ова ќе биде важен чекор за мојот професионален и личен развој. Очекувањата се да се бориме за домашните трофеи и се надевам на деби во Лигата на шампионите. Едвај го чекам новиот предизвик и посакувам да му помогнам на тимот во остварувањето на целите“, изјави Хекбарт за „7 метри“.

Покрај Хекбарт, Еурофарм Пелистер го промовираше и десниот бек Анжеј Видомски, кој доаѓа од полската Гвардија Ополе.