Селекцијата на Грузија по вторпат во историјата ќе игра на Европските првенства, откако во клучниот натпревар славеше против Грција со 29-26.
По израмнетиот прв дел, Грците водеа со три гола разлика во второто полувреме, 20-17, плус екс членот на Прилеп, Мириани Гавашелишвили доби црвен картон.
Сепак ниту тоа не им помогна, па домашните ракометари предводени од Сковребадзе и Арсенашвили направија комплетен пресврт со серија од пет гола за 22-20.
До крајот умешно ја задржаа и сега се втори на табелата со осум бода зад Исланд, кој има десет. Босна и Херцеговина е во аут, а Грција тешко дека ќе има шанса да се избори за ЕП меѓу најдобрите третопласирани.
Екс играчот на Струга, Гиорги Дикаминџија даде седум гола, на пет беше стрелец некогашниот среден бек на Металург, Иракли Кбилашвили, а членот на Охрид, Теимураз Орјоникидзе имаше два гола.
Израел предводен од екс вардаровиот стратег, Давид Писонеро, ја победи Полска со 33-31 и сега влегува со шанси за пласман на ЕП пред последното коло. Тука Португалија веќе слави пласман, а Израел, Полска и Романија во последното коло ќе одлучуваат кој оди на континенталниот собир.
Квалификации за ЕП 2026, резултати:
ГРУЗИЈА – ГРЦИЈА 29-26
ИЗРАЕЛ – ПОЛСКА 33-31
17:30 ФИНСКА – ЦРНА ГОРА
18:00 ЕСТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА
18:00 РОМАНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА
18:40 ЛЕТОНИЈА – СРБИЈА
19:00 ИТАЛИЈА – ШПАНИЈА
19:30 УКРАИНА – ХОЛАНДИЈА
20:15 КОСОВО – ФАРСКИ ОСТРОВИ