Грчевски: По оваа партија ракометарките сфатија дека може да се надигруваат со сите

Женската репрезентација на Македонија со два порази од Шпанија во квалификациите за ЕП 2024 ја заврши ЕХФ неделата.

За разлика од поразот во Скопје, по овој во Ланцароте може да се извлечат и некои позитивни работи, а со тоа се согласува и селекторот Кристијан Грчевски.

„Импресиите се позитивни, за разлика од првиот меч со Шпанија овојпат поправивме многу сегменти во играта, како во одбраната така и во нападот. Покажавме карактер, компактност во одбраната и во нападот. Нашата цврста одбрана пресуди за овој резултат. Девојките се бореа и видоа дека можеме да играме со секого, се испочитува она што беше договорено. Самодовербата кај нашите ракометарки е на едно пониско ниво, но по оваа партија увидоа дека можат да се надигруваат со секој противник. Јас им кажав дека сме навистина на еден добар пат, да направиме многу повеќе од ова сега, се надевам дека ќе продолжиме вака, во следната ЕХФ недела не чека она вистинското и да го завериме пласманот на ЕП. Мислам дека без проблем ќе го обезбедиме тоа, во меѓувреме ќе треба да ги исправиме сите грешки и аномалии, а на ЕП да направиме некој резултат, да не бидеме само учесници“, изјави Грчевски.

Следните два меча се на програмата во април. На 3 април Македонија ќе гостува во Баку кај Азербејџан, додека последниот натпревар го игра во Скопје на 7 април против Литванија.

Со победа против Азербејџан и со пораз на Литванија од Шпанија, Македонија на 3 април ќе го потврди местото на Европското првенство.

Шпанија со фуриозно второ полувреме ја совлада Македонија