Женската сениорска репрезентација на Македонија пред неколку дена го имаше првиот собир во рамките на ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две средби со еден од домаќините на ЕП, Австрија.
Една од најискусните ракометарки во македонската репрезентација – Елена Ѓорѓиевска ќе се прости од националниот тим на Македонија на претстојното Европско првенство, но во меѓувреме ќе има и друга улога во националниот тим.
Таа ќе биде дел од стручниот штаб на селекторот Кристијан Грчевски и ќе се обиде да го пренесе своето големо искуство на останатите ракометарки.
„Воодушевена сум и горда што селекторот Грчевски имаше доверба во мене и ми даде ваква функција. Благодарна сум што виде потенцијал во мене, дека можам да им помогнам и на друг начин и нему и на екипата. Среќна сум бидејќи имаме одлична комуникација и верувам дека тоа ќе донесе и квалитетна соработка. Искрено, чудно се чувствувам, ќе ми треба време да се навикнам да бидам од другата страна. Имам доволно искуство, ги познавам добро девојките и со моето ракометно знаење се надевам дека соодветно ќе одговорам на довербата на селекторот. Чест и задоволство што покрај на теренот, ќе можам да дадам поддршка и од клупата,“ веќи Ѓорѓиевска.
Искусната репрезентативка имаше пофални зборови за австриската репрезентација.
„Австрија е одлична екипа, млада екипа која е на нашето ниво и има желба да направи нешто, како и ние. Овие два дуели ќе бидат многу важни за нас за да се види од која девојка колку може да добиеме и да создадеме слика за секоја ракометарка во пресрет на Европското првенство,“ заврши Ѓорѓиевска.
Првата средба ќе се игра в сабота од 17:00 часот, додека вториот дуел меѓу Македонија и Австрија е на програмата в недела на 29 септември од 15:45 часот.
Македонија во рамките на ЕХФ неделата во октомври, ќе биде дел од „Трофеј Карпати“ во Романија од 25 до 27 октомври.
Ристовска: Имаме светла иднина – ЕП ќе биде отскочна даска за поголемиот број репрезентативки