Ѓорчепетровки денеска ја започнуваат битката за полуфинале во Европа

Македонскиот шампион Ѓорче Петров денеска во Шпанија ќе го одигра првиот натпревар против Елче во четвртфиналето од Европскиот Куп.

Избраничките на Симе Симовски ќе се обидат да обезбедат поволен резултат пред реваншот, кој ќе се одигра на 17 март во Скопје.

Натпреварот меѓу Елче и Ѓорче Петров ќе започне со почеток од 12:30 часот, а правдата на овој дуел ќе ја делат Романците Дору Манеа и Раду Илиески.

Победникот од овој двомеч ќе се пласира во полуфиналето во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Ѓорчепетровки до четвртфиналето стигнаа, откако во осминафиналето ја елиминираа Хазена Кинжварт, додека во второто и третото коло без проблеми ги поминаа Тиват и Ојпен.