Ѓорче Петров го врати женскиот македонски ракомет на европската мапа!

Ракометарките на Ѓорче Петров повторно го враќаат женскиот клупски ракомет од Македонија на ракометната карта на Европа, откако во чешкиот град Чеб обезбедија европско четвртфинале. Шампионот на Македонија на реваншот од осминафиналето загуби од Хазена Кинжварт минимално, со 34:33, но сепак, обезбеди пласман во четвртфиналето во третото по ранг европско клупско натпреварување и ќе се бори за место меѓу најдобрите четири екипи.

Ова е најголемото достигнување на македонските женски екипи последниве 6 години, бидејќи толкав период македонските екипи не успеваа да „презимат“ во Европа, ниту пак да стигнат во Топ* екипите, во било кој европски Куп.

Ѓорчепетровки на првиот натпревар против Хазена Кинжварт обезбедија победа од 32:29 и овие три гола се покажаа како доволни за продолжување на европската авантура на „лавиците“.

Големиот успех на Ѓорче Петров во европски рамки секако дека е голем плус за македонскиот женски ракомет. Македонија по пауза од пет сезони (6 години) повторно има четвртфиналист во Европа, последен пат тоа беше поранешниот шампион на Македонија, Вардар, кој пет сезони по ред играше на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Вардар последен пат беше четвртфиналист во сезона 2017/18 кога „црвено-црните“ играа во Будимпешта.

Ѓорче Петров минатата сезона во Европскиот Куп стигна до осминафиналето и беше елиминирани од полскиот Јарослав.

Сега целта на „лавиците“ е да стигнат што подалеку, и секако тоа ќе значи многу за клупскиот рејтинг во иднина, и може македонскиот шампион да се пријави и да настапи во некој друг Куп, па дури и во Лигата на шампионите.