Голманскиот тандем на Прилеп едногласен: Знаеме како против Пролет, триумф ќе не остави во игра за плеј-оф

Ракометарите на Прилеп во рамки од деветтото коло од Супер лигата на свој терен ќе го пречекаат тимот на Пролет, кој е на добар пат да обезбеди пласман во плеј-оф фазата.

Прилепчани со евентуална победа над Пролет ќе се вратат во игра за плеј-офот и токму дуелот со скопскиот тим за составот на Божидар Мојсов ќе биде „се или ништо“.

Каков исход ќе има Прилеп против Пролет ќе зависи и од голманскиот тандем Давид Ацевски и Иван Ангелески.

Ацевски ги истакна своите очекувања за утрешниот дуел и најави дека заедно со неговите колеги ќе го дадат максимумот за да ги освојат посакуваните бодови.

,,Мора максимално да сме фокусирани на овој натпревар и да имаме што помалку технички грешки за да можеме да дојдеме до позитивен резултат. Пролет се доста искусна екипа, екипа која е стандардна во плеј-офот и екипа која е спој на младост и искуство. Имаат неколку репрезентативци во помладите категории и мислам дека најголемата опасност од нивна страна доаѓа од средината каде што игра Ласко Андоновски. Исходот од овој дуел ќе зависи од многу фактори, но секако, јас и колегата Иван ќе се обидеме да собереме повеќе одбрани и да го дадеме максимумот за да им помогнеме на нашите соиграчи”, изјави Ацевски.

Според Ацевски, важна ќе биде и поддршката од публиката, која на сите натпревари е осмиот играч на прилепчани.

,,Немавме среќа на дел од одиграните натпревари, но сѐ уште сме во игра за пласман во плеј-офот и верувам дека ќе покажеме карактер на останатите дуели за да ја оствариме зацртаната цел. Ја повикам и публиката да дојде во што поголем број, да ни даде голема поддршка, бидејќи така ќе имаме поголем мотив за победа и за освојување на три важни бода”, заврши Ацевски.

Своите очекувања за утрешниот дуел со скопскиот тим ги сподели и Иван Ангелески.

,,Нѐ очекува многу важен дуел со екипата на Пролет и доколку победиме, шансите ќе ни се зголемат за пласман во плеј-оф фазата. Очекувам добар и неизвесен натпревар, во кој ќе влеземе мотивирано и ќе атакуваме на победа. Екипата на Пролет игра брз ракомет, најважно ќе биде да ја запреме нивната транзиција и да играме цврста одбрана”, изјави Ангелески.

Младиот голман истакнува дека на дел од одиграните натпревари неговиот тим немал среќа во финишот.

,,Сега за сега, задоволен сум од постигнатото во претходните дуели, на дел од нив имавме недостаток на спортска среќа во завршните делови, но сепак, ние ќе се бориме до самиот крај за остварување на целта, а тоа е пласман меѓу најдобрите четири екипи во нашата група. За дуелот со Пролет очекувам салата да биде исполнета до последното место и нашите навивачи да ни дадат поддршка која ќе ни биде потребна за да дојдеме до победа”, заврши Ангелески.

Натпреварот меѓу Прилеп и Пролет ќе се одигра утре во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” со почеток од 19:00 часот. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ВАРДАР 196114130139
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130139
3БУТЕЛ1480624
4ПРОЛЕТ1471622
5ГОЛДЕН АРТ1452717
6ПРИЛЕП14311010
7МУЛТИЕСЕНС1430119
8ВАРДАР НЕГОТИНО1420126