Германците избраа градови-домаќини: Еве каде ќе се игра СП 2027

Светската ракометна федерација и домаќинот на СП 2027 година, Германија, денеска ги објавија сите шест градови, каде што ќе се играат натпреварите на Мундијалот за три години.

Минхен, Штутгарт, Магдебург, Кил, Хановер и Келн, ќе бидат домаќини на најдобрите 32 светски селекции од 14 до 31 јануари 2027 година.

Натпреварите од осумте прелиминарни групи ќе се играат во „САП Гарден“ во Минхен, „Порше Арена“ во Штутгарт, „Вундерино Арена“ во Кил, како и „ГЕТЕК Арена“ во Магдебург, а секоја сала ќе биде домаќин на две групи.

Најдобрите три селекции од секоја група ќе обезбедат место во главната рунда, која ќе се игра во „ЗАГ Арена“ во Хановер и „Ланксес Арена“ во Келн. Двете сали ќе бидат домаќини на две групи.

Четвртфиналните и полуфиналните натпревари, односно финалниот викенд ќе биде во „Ланксес Арена“ во Келн. Германците како домаќини, ја избраа групата со Минхен во првата рунда, додека за главната рунда ќе играат во Келн.

Германците беа домаќини на ЕП 2024, ќе го организираат заедно со Холандија женското СП 2025, како и машкото СП 2029 заедно со Франција.