Српскиот интернационалец Спасоје Гачевиќ пред стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната ги засили редовите на Тиквеш од Кавадарци.
Левиот бек скоро месец дена работи под палката на тренерот Раде Стојановиќ и во разговорот за 24Ракомет ги сподели првите импресии по трансферот.
„Веднаш штом стигна понудата од Тиквеш ми беше интересна бидејќи знаев дека неколку играчи од Србија играат во Кавадарци последните неколку години. Од разговорите со нив сфатив дека се работи за клуб со европски амбиции, уште малку се запознав со ситуацијата и амбициите, па не ми беше тешко да донесам одлука. Брзо и лесно се договоривме, па би сакал да им се заблагодарам на тренерот и раководството за довербата што ми ја дадоа“, вели Гачевиќ.
На српскиот среден бек му е драго што по настапите во татковината, Турција, Португалија и Словенија, ќе заигра во Македонија.
„Знаев дека Тиквеш е организиран клуб и дека ќе се натпреваруваме во плеј-офот за титулата, а тоа веднаш ми го привлече вниманието. Во македонската лига, која ја следам долго време, играа и играат многу српски играчи. Се работи за квалитетна лига, а фактот што македонските екипи константно играат во најсилните европски купови доволно говори за тоа. Драго ми е што ќе имам прилика да играм тука“.
Тој ги знае квалитетите на ривалите во разигрувањето за титулата.
„За екипите како Еурофарм Пелистер, кој игра во Лигата на шампионите, и Вардар, како двократен европски првак, мислам дека не треба да се зборува многу. Исто така Алкалоид и Охрид имаат сјајни тимови, вложуваат многу. Тоа е само еден мотив повеќе кога ќе излеземе на терен против такви екипи да дадеме се од себе и да се бориме сите 60 минути. Многу од соиграчите ми кажаа дека долго време немало вака силен и изедначен плеј-оф и се надевам на добри натпревари. Соиграчите ме прифатија одлично, познавам дел од нив, тренираме и работиме во добра атмосфера и сите нетрпеливо го чекаме стартот и натпреварите пред нашите верни навивачи – Лозари“
Кавадарчани се подготвуваа во Црна Гора, одиграа четири меча, а потоа два пати тестираа и против Прилеп, па подготвени ги очекуваат предизвиците.
„Подготовките во Црна Гора поминаа одлично, секоја чест на управата која ни обезбеди врвни услови за работа, работевме напорно, одигравме четири натпревари, видовме на кои делови од играта мора да работиме подобро“, заврши Гачевиќ.
Првиот меч од разигрувањето за титулата, кавадарчани кои почнуваат со еден бод, го играат претстојниот викенд на домашен терен против Струга.