Франција со одлично второ полувреме го „прегази” Бразил, БиХ повторно поразена

Репрезентацијата на Франција, која е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во Германија, победнички го заврши настапот на турнирот во Нант, откако триумфираше над Бразил со 37:28.

Французите до победата дојдоа откако одиграа одлично во вторите 30 минути, во кои јужноамериканската селекција немаше идеја како да го запре налетот на „триколорите“.

По нерешените 14:14 на полувреме, избраниците на Жил во вториот дел покажаа „кој е кој“ на теренот, лесно доаѓаа до голови и на крајот славеа со дури девет гола разлика.

БиХ со три убедливи порази ја заврши последната фаза од подготовките за настап на Европското првенство.

Избраниците на Ирфан Смајлагиќ денес беа поразени од Романија со десет гола разлика, 29:19 (10:6). Босанците претходно загубија од Швајцарија со 39:21 и од Аргентина со 32:23.

Репрезентацијата на БиХ за ривали на Европското првенство ги има Шведска, Холандија и дебитантот Грузија. Романците се во група со Австрија, Шпанија и Хрватска.

Полска откако вчера ја победи Србија со 38:33, денес одигра уште еден квалитетен натпревар, славеше над Словачка со 18 гола разлика, 38:20 (19:10). Ракометарите на Полска  на Европското првенство ќе играат во група заедно со Норвешка, Словенија и дебитантот Фарски Острови.

Норвешка и Данска славеа во дуелите со Холандија, односно Египет. Норвежаните во натпреварот со „лалињата“ триумфираа со 38:35 (20:18), додека Данска беше подобра од Египет со 34:31 (17:15).