Унгарскиот гигант Веспрем ќе биде еден од ривалите на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во новата сезона од Лигата на шампионите.
Кружниот напаѓач на Веспрем, Лудовик Фабрегас, вели дека ќе биде возбудливо да се игра против некои тимови со кои досега не играл во елитното натпреварување.
„Мислам дека и нашата група е тешка, како и секогаш во Лигата на шампионите. Овде се најдобрите тимови во Европа, ќе биде возбудливо бидејќи ги имаме Висла Плоцк, ПСЖ, Еурофарм Пелистер против кои не игравме ланската сезона, а тука се Фуксе Берлин, Фредериција, Спортинг Лисабон и Динамо Букурешт, кој се враќа во ЛШ. Во Веспрем се знае – ако играш во овој дрес, секогаш мора да се бориш за прво место. Единствена цел ќе биде победа, два бода. Како што кажав, тешка е групата, но ние ќе се бориме заедно и се надевам дека нашите фанови ќе ужииваат во интересни натпревари“, вели Фабрегас.
Еурофарм Пелистер ќе му гостува на Веспрем во второто коло од Лигата на шампионите, на 18/19 септември, додека во февруари идната година, унгарскиот тим доаѓа во Битола.