Еве какви премии ќе добијат репрезентациите за пласман на ЕП 2024 и СП 2025

Македонската куќа на ракометот и Управниот Одбор донесоа одлука за висината на премиите за пласман на големите натпреварувања на двете сениорски репрезентации.

Дамите се на чекор до пласман на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија, а за тоа им треба уште една победа над Азербејџан или Литванија.

За пласман на континенталниот собир, првпат преку квалификации по ЕП 2012 година, дамите ќе поделат 2.000.000 денари.

Момците ги чека бараж двомеч со селекцијата на Фарски Острови за место на Мундијалот во 2025 година во Хрватска, Норвешка и Данска.

За евентуалниот пласман на СП, избраниците на Кире Лазаров ќе поделат исто така 2.000.000 денари.

Иако уште една селекција преку квалификации обезбеди место на ЕП, машката кадетска, тие не се дел од оние за кои се најавени премии. Покрај кадетите и младинците исто така ќе играат на континенталниот собир, како и младинките, кои местото на СП го добија со домаќинството.