Еурофарм Пелистер води на пауза кај ПИК Сегед

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер води со 19-18 по првото полувреме на гостувањето кај ПИК Сегед во Лигата на шампионите. Иако битолчани водеа и со пет погодоци разлика, дозволија во последните десетина минути од првиот дел домашниот тим да се врати во егал, но сепак на пауза имаат плус еден гол, што е најава за возбудувања во второто полувреме.

Пелистерци одлично го отворија натпреварот. Кружните напаѓачи Пешевски и Василев лесно ја пробиваа одбраната на ПИК Сегед, а голманот на домашните Емил Имсгард немаше решение за нив, па македонскиот првак имаше плус четири по десет минути игра, 8-4.

Домашниот стратег повика тајм-аут, но Бомбач згреши во нападот, па Лесјак од гол на гол стрелаше за највисоки плус пет, 9-4. Беше и 10-5, но потоа судии не досудија фаул над Пешевски, на спротивната страна за иста ситуација реагираа и го исклучија Василев.

Домаќинот преку Шоштариќ на два пати успеа да реализира и да фати приклучок, 10-8, но веднаш потоа и екс членот на ПИК Сегед, Радивојевиќ врати во унгарската мрежа за 11-8. Во продолжение двете екипи погодуваа наизменично, но по дваесетина минути одново Шоштариќ казни една грешка и ПИК Сегед комплетно се врати во игра.

Ангеловски повика минута одмор, но потоа Кисум промаши и домашните израмнија на 13-13 преку Мартинс. Не паднаа во ритамот битолчани, па во продолжение казнија две грешки на ПИК Сегед и пак беа во предност, 16-14. Но кратко траеше ова водство, бидејќи се играше без одбрани и домаќините набрзина стигнаа до егал, 17-17.

На стартот на последната минута Цехте погоди за предност на Еурофарм Пелистер, а Матеј Габер потоа шутираше во главата на неговиот сонародник Лесјак и доби исклучување. Немаше резултатски промени во последните десетина секунди и на пауза македонскиот тим имаше водство, 19-18.