Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од Унгарија

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед со 34-26. Иако момците на Бранко Ангеловски водеа во првиот дел со пет гола, му дозволија на домаќинот да се врати во егал уште пред паузата, а на стартот на второто полувреме и комплетно да ја преземе контролата на играта.

По високото водство на ПИК Сегед, битолчани имаа шанси да фатат приклучок, но тука се испречи искусниот Роланд Миклер, кој бранеше како во најдобрите денови и не им дозволи на гостите да се надеваат на камбек во мечот. Еурофарм Пелистер ќе има шанса за реванш следната недела во Битола кога ќе го играат осмиот меч сезонава.

Пелистерци одлично го отворија натпреварот. Кружните напаѓачи Пешевски и Василев лесно ја пробиваа одбраната на ПИК Сегед, а голманот на домашните Емил Имсгард немаше решение за нив, па македонскиот првак имаше плус четири по десет минути игра, 8-4.

Домашниот стратег повика тајм-аут, но Бомбач згреши во нападот, па Лесјак од гол на гол стрелаше за највисоки плус пет, 9-4. Беше и 10-5, но потоа судии не досудија фаул над Пешевски, на спротивната страна за иста ситуација реагираа и го исклучија Василев.

Домаќинот преку Шоштариќ на два пати успеа да реализира и да фати приклучок, 10-8, но веднаш потоа и екс членот на ПИК Сегед, Радивојевиќ врати во унгарската мрежа за 11-8. Во продолжение двете екипи погодуваа наизменично, но по дваесетина минути одново Шоштариќ казни една грешка и ПИК Сегед комплетно се врати во игра.

Ангеловски повика минута одмор, но потоа Кисум промаши и домашните израмнија на 13-13 преку Мартинс. Не паднаа во ритамот битолчани, па во продолжение казнија две грешки на ПИК Сегед и пак беа во предност, 16-14. Но кратко траеше ова водство, бидејќи се играше без одбрани и домаќините набрзина стигнаа до егал, 17-17.

На стартот на последната минута Цехте погоди за предност на Еурофарм Пелистер, а Матеј Габер потоа шутираше во главата на неговиот сонародник Лесјак и доби исклучување. Немаше резултатски промени во последните десетина секунди и на пауза македонскиот тим имаше водство, 19-18.

Домашните за првпат во мечот поведоа со двата гола од пенал на Шоштариќ, 22-21 по пет минути игра во вториот дел. Следуваа и два промашени удари на Петровиќ, Миклер му одбрани на Атанасијевиќ и ПИК Сегед набрзина дојде до плус три, 24-21, па Ангеловски мораше да бара тајм-аут.

Миклер се разбрани, а се редеа головите во мрежата на битолчани и веќе беше 27-21. По 12 минути пост, македонскиот првак врза два гола по ред за 27-23, а потоа Радивојевиќ имаше шанса и од контра уште повеќе да направи притисок на домашните, но Миклер одбрани негов зицер, а потоа и на Петровиќ.

Следуваше казна по пропуштените прилики, па Мартинс зголеми на 29-25. Ангеловски повика нов тајм-аут, но колата тргна надолу и немаше прилика за назад. До крајот домаќините без поголеми проблеми одиграа рутински и забележаа висока победа што не ги отсликува настаните на теренот.

Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Василев со пет, како и Радивојевиќ и Атанасијевиќ со по четири погодоци, додека голманите Кизиќ и Лесјак имаа само четири одбрани. Кај ПИК Сегед се истакна голманот Миклер со 15 одбрани и Шоштариќ со девет гола.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1КИЛ14102222
2АЛБОРГ1483319
3ПСЖ ХЕНДБОЛ1481517
4КЕЛЦЕ1464416
5ППД ЗАГРЕБ1462614
6ПИК СЕГЕД1461713
7КОЛСТАД1451811
8ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР1400140