Еурофарм Пелистер пропушти шанса за трет трофеј во Супер Купот

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја пропушти шансата за трет трофеј во Супер Купот, откако загуби со 33-30 oд „сино-белите“ од Автокоманда. Овој клуб го освои првиот трофеј во Супер Купот, откако во мај прослави и трофеј во Купот на Македонија. Решавачко беше првото полувреме кога момците на Кире Лазаров направија залиха од пет гола, 19-14, а пелистерци останаа без капитенот Кузмановски поради црвениот картон. Во второто полувреме во неколку наврати Еурофарм Пелистер намали на минус два, но немаше време за комплетен камбек во натпреварот.

Тимот од Автоманда беше првиот што се одлепи на плус два, 6-4, но Митревски фати две топки, па прво Кузмановски реализираше од пасивен напад, а потоа казни и Радивојевиќ од контра за 6-6 по десетина минути игра. Но и Кизиќ влезе во ритам, па не дозволи за првпат пелистерци да поведат со два гола и по нивните две грешки, „сино-белите“ одновно си ја вратија предноста на своја страна, 8-7.

Ривалот на пелистерци отиде на највисоки плус три, 11-8, па тренерот Ангеловски мораше да бара тајм-аут. Не се променија нештата многу на теренот по минутата одмор, згора на тоа пелистерци останаа и без капитенот Кузмановски во 25 минута. Тој доби црвен и син картон, по ударот со лакт во дуелот во Карасманакис, па нештата за битолчани не одеа според планот. Во финишот на полувремето сите нивни грешки беа казнети и тимот на Лазаров стигна до плус пет, 19-14.

На стартот на вториот дел Еурофарм Пелистер заигра подобра одбрана, погоди два пати по ред, имаше две шанси и за минус два, но Кизиќ им фати зицери на Пешевски и на Атанасијевиќ.

Потоа и Галевски му одбрани пенал на Кузманоски, па тимот од Автокоманда успеа да се врати на позитива од четири гола, 21-17. Сепак во следниот период „сино-белите“ заглавуваа со нападите, немаа многу идеја и течност, па почна камбекот на битолчни. Следуваа два гол на Еурофарм Пелистер за 21-19, имаа шанса и за минус еден, но згреши Тајник. Потоа се продолжи со играта гол за гол, но и се заостри, па судиите често покажуваа исклучувања и пенали.

Во последните десетина минути се влезе со три гола предност за момците на Лазаров, 27-24. Бинго стартуваше невниманително на Цехте, доби казна од две минути, а Манасков го намали водството на ривалот со гол од пенал, 27-25.

Митревски имаше значајна одбрана на шест минути до крајот кога противникот можеше да стигне до плус четири, но потоа и Галевски спречи пелистерци да стигнат до минус еден кога остануваа да се играат уште три минути. Митев имаше одлична асистенција до Симоноски, кој погоди за 30-27 и „сино-белите“ беа на чекор до трофеј. До крајот Велковски со гол стави печат за триумф за тимот од Авткоманда, кој освои прв трофеј во ова натпреварување.

Пет гола за битолчани имаше Кузмановски, а по четири пати стрелаа Хосни, Манасков и Радивојевиќ, додека Митревски беше одличен меѓу стативите. На спротивната страна Кизиќ исто така имаше одлична партија, се придодаде и Галевски, а најдобар стрелец беше Костески со осум гола, додека Митев постигна шест.