Еурофарм Пелистер поднесе жалба до ЕХФ за арбитражата со ПИК Сегед!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер поднесе официјална жалба до ЕХФ за арбитражата на француските судии Карим и Рауф Гасми на дуелот со ПИК Сегед од Лигата на шампионите.

Битолчани загубија на домашен терен со 28-27, а во текот на мечот беа оштетени повеќе пати, особено во финишот кога не беше признат чист гол на Урош Борзаш.

„Еурофарм Пелистер во склоп на својата транспарентна и отворена врска со своите приврзаници ја информира јавноста дека поднесе официјална жалба на арбитражата на француските судии Карим и Рауф Гасми на натпреварот од осмото коло од групата А на Лигата на шампионите против ПИК Сегед. Сметаме дека нашиот клуб не доби адекватен третман во текот на целиот натпревар, делењето на правдата не беше соодветно на степенот на натпреварувањето и одлуките на судиите директно влијаеја на конечниот резултат и финалниот исход. Клубот го искористи своето право да се обрати до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и неговата судиска организација и да побара одговорност од делителите на правдата. Оваа жалба е одговорност кон нашите професионалци во клубот, армијата навивачи на Еурофарм Пелистер и македонскиот ракомет кој го претставуваме“, се вели во соопштението.

Иако беа во игра за позитивен резултат до самиот финиш, сепак пелистерци несреќно загубија со гол во последните секунди, а до крајот на оваа календарска година им остануваат уште дуелите со полскиот Келце на гостински терен и со Загреб на домашен терен во Битола.