Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во натпревар од 6. коло од Лигата на шампионите на свој терен беше поразен од европскиот вицепрвак Келце со 24:21. Ракометарите на Еурофарм Пелистер по лошото прво полувреме одиграа одлично во вториот дел, во кој до самиот финиш беа во игра барем за бод, односно реми.
Избраниците на Талант Душебаев имаа одличен почеток во дуелот со македонскиот шампион, поведоа со 2:0 и откако домаќините намалија на 3:2, следуваше серија од 3:0 на полскиот гигант, кој по десет минути игра имаше предност од плус четири, 6:2.
Во еден момент домашната екипа имаше два исклучени ракометари, надвор од игра беа Пешевски и Костески, но гостите не ја искористија предноста со двајца ракометари плус, бидејќи голманот на Еурофарм Пелистер, Калифа Гедбан, не дозволуваше лесно да биде совладан.
Лебиот бек Гебала кон средината на првиот дел му го донесе највисокото водството дотогаш од пет гола разлика, 7:2. Пелистерци никако не можеа да фатат ритам, гостите постигнаа уште два гола во низа и во 17 минута имаа позитива од седум, 9:2.
Домаќините за третиот гол чекаа речиси 12-13 минута, па така третиот гол на домашната екипа беше постигнат преку Пешевски, кој во 18 минута намали на 9:3. Келце до крајот на полувремето ја казнуваше секоја грешка на домашната екипа, во финишот малку се опушти, но не дозволи домашниот тим да има голем напредок во играта и на полувреме замина со плус седум гола разлика, 14:8.
Избраниците на Ангеловски се консолидираа на почетокот на вториот дел и успеаја да ја преполоват негативата. На крилата на Лесјак домаќините во 40 минута со голот на Петар Атанасијевиќ намалија на минус три, 16:13, а минута подоцна Радивојевиќ беше ефикасен за 16:14.
Еурофарм Пелистер имаше и напад за минус еден, но Тајник направи грешка. Сепак, гостите кои самоуверено влегоа во вторите 30 минути не можеа да излезат од кризата и во 43 минута Лесјак на празна мрежа погоди за минус еден, 16:15.
На средината на второто полувреме резултатот беше 17:16 во корист за гостинскиот тим, кој во 48 минута резултатски се одлепи и зголеми на 19:16. Битолчани не се предаваа и во 50 минута ја вратија неизвесноста откако Тајник реализираше за еден гол негатива, 19:18.
До крајот на полувремето се играше гол за гол и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот. Келце секогаш успеваше да одржи предност од еден до два гола разлика и до последната секунда успеа да го сочува водството.
Најефикасни во Еурофарм Пелистер беа Богдан Радивојевиќ со шест и Жарко Пешевски со четири погодоци. Голманот Урбан Лесјак натпреварот го заврши со девет интервенции. Кај Келце се исткана Михаил Ојленичак со пет погодоци.