Еурофарм Пелистер 2 ја запиша четвртата победа во четвртиот натпревар од прволигашката конкуренција.
Битолскиот тим славеше на домашен терен против Кичево со убедливи 47-24, а победата беше најавена уште по првиот дел кога беше плус девет, 20-11.
Избраниците на Александар Зарков поведоа со 5-0, потоа беше и 8-1 и веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар.
Битолскиот напад беше предводен од кадетскиот репрезентативец Марко Димовски со 12 гола и младинскиот репрезентативец Ненад Белистојаноски со осум погодоци. За Кичево, 11 погодоци запиша Јован Атанасовски.
Еурофарм Пелистер 2 е лидер на табелата со осум бода, додека Кичево останува на трите бодови освоени досега.