Eнди Шмид изброи до 14, ја спаси Швајцарија од срам

Првата ѕвезда во репрезентацијата на Швајцарија, Енди Шмид одигра уште еден одличен натпревар и самиот ја совлада Финска во финишот кога беше направен пресврт за победа од 32:30. Ова беше интересен дуел и поради тоа што е од групата каде игра и Македонија.

Швајцарците долго се мачеа на овој удел, а очигледно после победата на првиот дуел против селекцијата на Финска денеска дојде до потценување на противникот. Тоа Финците го искористија за да се заканат и да покажат колку можат во моментов. Одиграа добро и квалитетно и беа рамноправен противник во текот на целата средба.

На полувреме Швајцарија имаше 18:16, но потоа во вториот дел Финците го презедоа водството и долго беа во преедност. Имаа позитива која ги водеше кон победа, но тогаш Енди Шмид стапи на сцена и ја врати предноста за Швајцарија за конечни 32:30.

Шмид реализираше 14 пати и беше далеку пред другите стрелци. Зад него беше Рубин со пет погодоци. Во редовите на Финска, Гранлунд со десет гола беше најефиксниот.

Финска во следното коло на крајот на април ќе ја пречека Македонија, додека Швајцарија во последното на почетокот на мај гостува во Скопје.