Актуелниот бранител на трофејот во Купот на Македонија, Вардар, со две победи во еден ден успеа да се пласира на завршниот турнир.
По триумфот над Бутел Скопје, „црвено-црните“, иако мораа добро да се испотат во одреден дел од мечот, успеаја да го совладаат Еурофарм Пелистер 2 со 27-22. Тренерот Иван Чупиќ пред важниот дуел со Мелсунген од Лигата на Европа, комбинираше со ростерот и ја распредели минутажата кај сите рамномерно.
По петнаесетина минути, Вардар поведе со 9-5, и мислеа домаќините дека ќе биде рутински до крај, но не беше така. Битолчани намалија на гол негатива, а на паузата беше 14-12.
При 18-17, Танкоски не беше прецизен, но и Бен Махфуд не успеа да реализира па приликата за реми отиде во неврат. Еспиња потоа фати уште два шута на момците на Зарков и Вардар полека почна да се одлепува, откако казнија Пинто и Митровиќ за 24-19, па немаше дилеми околу победникот.
Најдобри стрелци кај победникот беа Митровиќ со шест гола, како и Анастасовски и Лазаревски со по три погодоци, додека голманите Еспиња и Гогов комбинираа 13 одбрани. Кај Еурофарм Пелистер 2 се истакна Славков со девет гола.
Досега на Ф4 место обезбеди и Еурофарм Пелистер, а истото се очекува и од амбициозниот Охрид.

























