Душебаев со пофалби за пелистерци: Одиграа феноменално во второ полувреме!

Полскиот шампион Келце потешко од очекуваното го совлада Еурофарм Пелистер со 24:21 во натпревар од 6. коло од Лигата на шампионите.

Иако гостите од Полска на полувреме имаа шест гола разлика, 14:8, сепак, пелистерци во вториот дел направија камбек и до финишот беа во игра барем за бод.

Тренерот на Келце, Талант Душебаев, им честиташе на пелистерци за храбрата игра и исткана дека на Еурофарм Пелистер му недостасувала енергија во последниот дел од дуелот.

,,Сакам да му честитам на мојот тим за освоената победа. На теренот имаше вистинска борба во текот на сите 60 минути. Пред сè, задоволен сум од начинот на кој одигравме во одбраната и на начинот на кој се одбранивме од нивниот десен бек. Честитки и за екипата на Еурофарм Пелистер, тие одиграа феноменално второ полувреме. Тешко беше да се лови резултатот и како да му недостасуваше на домаќинот енергија во финишот. Јас сум првпат во Битола, наидов на убава атмосфера, убав град и добри луѓе”, изјави Душебаев.

Свое видување по одиграниот меч имаше и левото крило на Келце, Дилан Наи.

,,Беше тешко да се игра тука, но на крајот дома се враќаме со одличен резултат и два бода. Среќни сме бидејќи успеавме да им се вратиме на победите, уште еднаш сакам да упатам честитки за домашната екипа, домашните фанови и за се она што го доживеавме овие два дена во Битола”, изјави Наи.

Еурофарм Пелистер храбро се бореше до крај, но Келце ги однесе бодовите