Репрезентацијата на Португалија испиша историја на Светското првенство 2025, откако во четвртфиналето славеше над Германија со 31:30 по продолженијата од по пет минути, а регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено, 26:26.
Во ТОП 4, освен Португалија, место обезбедија уште Франција, Хрватска и Данска. Португалците за пласман во финалето ќе се борат против актуелниот светски првак Данска, додека второто полуфиналето го сочинуваат репрезентациите на Франција и Хрватска.
Избраниците на Пауло Переира отворија фуриозно и во воведниот дел поведоа до 5:1. Добрата игра на Португалија во овој дел не ги поремети „панцирите“, па така Германија откако имаше негатива од 7:3, успеа да постигне три гола во низа и во 18-та минута дојде до минус еден, 7:6
Искусниот голман на Германија, Андреас Вулф, за дваесетина минути имаше девет интервенции. Португалија некако успеа да ја прекине серијата на ривалот, постигна два гола на празна мрежа, дојде до плус три, 10:7, на осум минути пред крајот на првото полувреме, а во 24-та минута Франциско Коста ја врати максималната предност од воведниот дел, погоди за 11:7.
Бековите на Германија не беа на висина на задачата, посебно десниот бек Ренарс Усчинс, кој никако не можеше да ја пробие одбраната на Португалија, па така за 30 минути игра зад своето име имаше само два погодоци од шест обиди.
Иако во финишот од првото полувреме светскиот шампион од 2007 успеа за момент да ја консолидира играта, сепак, Португалија ,,слатко” ја држеше предноста од плус четири и на пауза замина со активен резултат од 13:9.
Вториот дел го отворија Германците, но Португалија секогаш наоѓаше начин како да ја задржи предноста. Предноста на составот на Переира во 35-та минута беше 16:13. Германската репрезентација успеа да намали на 17:16 и од тој момент секој напад значеше многу за двете репрезентации.
Првото израмнување на натпреварот беше во 45-та минута кога избраниците на Гисласон дојдоа до 18:18. Минута подоцна Германија ја искористи ситуацијата за двајца играчи повеќе, дојде до предност од 19:18, а во 48-та минута и до 20:18.
Португалците не се откажуваа, се вратија во игра и израмнија на 22:22. Се играше гол за гол, па така само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот. Откако беше 25:25, Гола погоди за 26:25 на минута пред крајот, Портела реализираше за 26:26, останаа уште дваесетина секунди, во кои Португалија успеа да се одбрани, а тоа значеше продолженија од по пет минути.
Во продолженијата подобро се снајде Португалија, а крај на драмата стави Мартим Кошта, кој на две секунди пред крајот успеа да го совлада Вулф за голема радост на португалската клупа.